SETimes
Published on SETimes (http://www.setimes.com)
http://www.setimes.com/cocoon/setimes/xhtml/mk/features/setimes/articles/2008/06/30/reportage-01

Одбивањето на Лисабонскиот договор може да влијае врз процесот на проширување во Југоисточна Европа

30/06/2008

Ирското „не“ за Лисабонскиот договор наметнува сериозни прашања за проширувањето на ЕУ -- кои можат да влијаат врз земјите од Југоисточна Европа. Сепак, од Брисел доаѓаат оптимистички мислења.

Зоран Николовски за Southeast European Times во Скопје -- 30/06/08

photo

Ирска го отфрли Лисабонскиот договор на референдумот на 12-ти јуни. [Getty Images]

Реформскиот договор, попознат како Лисабонски договор, стана пресвртница за ЕУ, како и за регионот на Југоисточна Европа, како резултат на неговото влијание врз политиката за проширување на Унијата. И додека лидерите на ЕУ се преокупирани со тоа како да му внесат живот на овој клучен договор, земјите кои се стремат да станат полноправни членки се загрижени за исходот на оваа битка. На 12-ти јуни, земјата-членка на ЕУ Ирска се изјасни против договорот, 53 наспрема 47 отсто -- многу поголема маргина отколку што се очекуваше -- туркајќи ја ЕУ во нова криза.

Лисабонскиот договор, кој беше потпишан во декември 2007-та година, ќе го замени нацрт-европскиот устав, кој гласачите во Франција и Холандија го отфрлија во 2005-та година. Договорот требаше да ја отвори вратата за нови членки бидејќи според постоечките услови наведени во Договорот од Ница, ЕУ и нејзините институции можат да вклучат најмногу 27 членки. Ако една од 27-те земји-членки не го ратификува договорот, тој не може да стапи на сила.

Различни ставови

После отфрлањето од страна на Ирска, словенечкото претседателство на ЕУ повика на мирен период на разгледување. Претседателот на Европската Комисија Жозе Мануел Баросо рече дека Лисабонскиот договор е се уште „жив“ и побара од другите земји да го ратификуваат бидејќи 18 земји-членки на ЕУ веќе го направија тоа. Францускиот претседател Никола Саркози, чија земја ќе го преземе кормилото на ЕУ на 1-ви јули и германскиот канцелар Ангела Меркел го поддржаа ставот на Баросо.

Што се однесува до политиката за проширување одредена со договорот, од Брисел и од другите престолнини на ЕУ доаѓаат различни гласови. Претседателот на Европскиот Парламент Ханс-Герт Потеринг рече дека ирското „не“ значи дека засега не е возможно дополнително проширување на Унијата, со евентуален исклучок на Хрватска.

Како што јави АП, пратениците на Европскиот Парламент образложиле дека дополнителното проширување на ЕУ е “едвај вомзожно“ без Лисабонскиот договор.

photo

„И покрај актуелните проблеми поврзани со Лисабонскиот договор, ЕУ стои на својот збор во однос на европската перспектива на Југоисточна Европа, односно Западен Балкан и Турција“, рече еврокомесарот за проширување Оли Рен. [Getty Images]

Меѓутоа, еврокомесарот за проширување Оли Рен рече дека ирското вето не ја намалува обврската на Унијата за примање на нови членки од Балканот и Турција.„И покрај актуелните проблеми поврзани со Лисабонскиот договор, ЕУ стои на својот збор во однос на европската перспектива на Југоисточна Европа, односно Западен Балкан и Турција“, изјави Рен за Ројтерс.

Сличен е ставот и на словенечкиот министер за надворешни работи Димитриј Рупел, кој исклучи било какви промени на процесот за проширување. „Резултатите од ирскиот референдум не ја менуваат политиката за проширување. ЕУ едногласно одлучија да ги поканат земјите од Западен Балкан да станат членки, па затоа не постои никакво сомнение околу тоа“, рече Рупел.

ЕУ презеде обврска кон земјите од Западен Балкан на самитот во Солун во 2003-та година, каде шефовите на државите и владите на земјите-членки на ЕУ усвоија отворена политика.

И покрај ставовите на Рен и Рупел, ирското отфрлање на договорот може да ја одложи политиката за проширување. „Ирското „не“ значи дека договорот не може да стапи на сила на почетокот од идната година како што се планираше“, рече премиерот на Луксембург Жан-Клод Јанкер.

Во неговиот говор за време на посетата на Република Чешка, францускиот претседател, исто така, нагласи: „За да ги отвориме вратите за Балканот, за Хрватска, потребен ни е Лисабонскиот договор“.

Ефектот врз Турција, Хрватска и Македонија

Три земји-кандидатки -- Македонија, Турција и Хрватска -- се најзаинтересирани за тоа што ќе се случи после ирското вето. Хрватска и Турција се во процес на преговори за влез во ЕУ, додека пак Македонија чека да започне преговори. Сите земји од Западен Балкан, освен Црна Гора, потпишаа Договор за стабилизација и асоцијација со ЕУ, кој се смета за прв чекор за пристапување во Унијата.

photo

Хрватскиот премиер Иво Санадер (на 18-ти мај во Лондон) рече дека е оптимист дека ЕУ ќе го отвори патот за влез на Хрватска. [Getty Images]

Главното влијание на ирското гласање врз проширувањето е тоа што може да ги засили оние кои тврдат дека Турција е премногу голема и културно различна за да се приклучи во ЕУ. Според францускиот министер за земјоделство Мишел Барние, референдумот покажа дека жителите се плашат од една ЕУ „без граници и ограничувања“.

Сепак, на 18-ти јуни, беше постигнат напредок во преговорите за пристапување помеѓу ЕУ и Турција и беа вклучени корпоративното право и законот за интелектуална способност.

Хрватска, која добро напредува во процесот со можност за отворање на се повеќе и повеќе преговарачки поглавја од европското вообичаено право, се очекува да ги заврши преговорите следната година.

ЕУ и Хрватска, исто така, отворија две нови поглавја во преговорите за пристапување по неуспехот на Лисабонскиот договор во Ирска. Преговорите помеѓу ЕУ и Хрватска постигнаа напредок со вклучувањето на слободата на движење на работниците, како и социјалната политика и вработеноста.

Македонија чека да започне преговори оваа есен. Овој чекор ќе зависи од развојот на нејзината внатрешна политика по лошо организираните избори на 1-ви јуни и судбината на самиот Лисабонски договор.

Реакциите во регионот се во согласност со идејата договорот да се одржи во живот.

Минатата недела хрватскиот премиер Иво Санадер рече дека, по неговите разговори во Брисел неделава и средбата со британскиот премиер Гордон Браун, е оптимист дека ЕУ ќе најде начин да ја прими Хрватска, без оглед на тоа што Ирска го отфрли Лисабонскиот договор.

„Вредностите на Унијата, кои се вклучени во македонскиот акционен план, не се во криза и треба да бидат исполнети. За нас, важно е да станеме држава со европски стандарди, а пристапувањето е единствениот начин“, рече поранешниот министер за надворешни работи на Македонија Слободан Чашуле.

Оптимистички гледано, земјите од Западен Балкан не треба премногу да се грижат за настаните поврзани со Лисабонскиот договор, но треба да ги продолжат реформите. Сепак, сигурно е дека ќе има извесно одложување се додека Брисел не најде решение.