Животот во српска оштина на Косово: исклучување на струјата и неизвесна иднина

15/09/2008

Србите во јужната општина Штрпце можеби не се согласуваат со самопрогласената независност на Косово, но се надеваат дека стабилизираната ситуација барем ќе донесе нови работни места и подобра инфраструктура.

Текст и фотографии на Блерта Фониќи-Кабаши за Southeast European Times во Приштина – 15/09/08

photo

Штрпце, или Штерпче на албански, се наоѓа на околу 61км од Приштина.

Мериџан Томислав 45 години работеше во државна фирма. Сега тој продава цигари, весници и ужинки во една мала продавница во центарот на градот и зависи од парите од властите од Белград за да состави крај со крај. Во околните улици има бројни постери на српскиот националист Томислав Николиќ.

Ова е Штрпце, претежно српска општина на границата со Македонија. Околу 70 отсто од населението се Срби, 27 отсто се Албанци, а останатиот дел се малцинства. Српскиот претседател Борис Тадиќ дојде овде за време на неговиот прв мандат и вети дека Косово ќе остане дел од Србија. Но, на 17-ти февруари, во Приштина е прогласена независност на покраината. Оттогаш, 46 земји го признаа Косово како независна држава.

Атмосферата во Штрпце не е пријатна. Сепак не е толку напната како порано. Томислав вели дека полесно се живее откако е прогласена независноста, но не објаснува како.

„Треба да живееме заедно со Албанците“, вели еден Србин. Запрашан дали Албанците и Србите може да го постигнат ова, тој одговара; „кој вели дека не можат?“.

Неговиот пријател, кој сака да остане анонимен, е убеден дека коегзистенцијата помеѓу Албанците и Србите е единствениот начин за да се постигне едно одржливо Косово. „Ние живееме заедно“, вели тој. „И не знам кој рекол дека Албанците и Србите не можат да живеат заедно“. Тој, исто така, добива пензија од Белград, бидејќи, како што вели, не добива од косовската влада.

photo

Мериџан Томислав (лево), жител на Штрпце, вели дека животот е полесен откако Косово прогласи независност.

Штрпце, или Штерпче на албански, се наоѓа на околу 61км од Приштина. Општината се состои од 16 села. Патиштата се главно во лоша состојба. Иако речиси сите села имаат вода, таа е загадена од стариот и оштетен систем за канализација. Електричната мрежа, исто така, очајнички има потреба од обновување, а исклучувањата се вообичаени.

Политичката ситуација е во неизвесност. Србите ги бојкотираа последните избори во 2007 година, така што специјалниот претставник на ОН едноставно ги назначи постоечките функционери. Градоначалникот, косовски Србин, положи заклетва, исто како и осумте Срби и двајцата Албанци членови на собранието, но останатите седумина не го направија тоа.

Полициските должности, пак, ги врши локалната единица на Косовската полициска служба. Неа ја сочинуваат 45 косовски Срби и 11 Албанци и функционира под надзор на двајца полицајци на УНМИК. Што се однесува до меѓународното присуство, украинските трупи на КФОР се задолжени за ова подрачје, контролирајќи го пристапот кон српските делови.

Вкупното расположение во Штрпце го карактеризира неизвесност. Малкумина се оптимисти, иако некои внимателно се надеваат дека нештата ќе се подобрат. Кога е во прашање независноста на Косово, локалните жители инсистираат дека нивната општина е дел од Србија, но истовремено ги повикуваат косовските власти да отворат нови работни места за граѓаните.

„Овде немаме живот. Србија не прави ништо за нас. Се обидуваат да не придобијат за себе“, вели Горан Милутиновиќ. 30 години бил учител, денес не работи ништо. „Ги одведов моите деца во Ниш, кај семејството на мојата сопруга. Во октомври 2004 година, тие се вратија бидејќи мислев дека ќе можат да најдат работа, но не се случи ништо. Сега сум голем песимист“.

photo

Полициските должности во Штрпце ги извршува локалната единица на Косовската полициска служба.

Сопругата на Милутиновиќ, пак, вели дека луѓето во Штрпце сакаат да живеат слободно. Меѓународната заедница треба да разбере дека не треба да останеме жртви на режимот на претходните лидери“, вели таа. „Ние сме родени овде и треба да останеме овде. Но, не можеме да живееме како сега“.

Како и во поголемиот дел од Косово, луѓето во Штрпце не патат заради недостатокот од економски потенцијал. Општината се наоѓа на 100км од индустриските и рударските центри како Трепча, Феризај, Призрен, Пеја и главниот град Приштина.

„Србите се позиционирани на подобри места на Косово, но нашите лидери не знаат да го искористат тоа богатство. И треба да бидат повнимателни“, вели Миодраг Лајиќ. Според него, во интерес е и на Албанците и на Србите да работат заедно и да создадат одржлива иднина. „Само заедно можеме да направиме европско Косово, бидејќи со овие поделби, светот нема да ни дозволи да напредуваме.“

Многумина се надеваат дека туризмот ќе донесе нови работни места и приходи во иднина. На територијата на општината се наоѓа скијачкиот центар Брезовица и низ српските делови веќе поминуваат многу посетители.

„Понекогаш поминувам од овде на пат кон Брезовиќ и Превалац, кои се двете најдобри туристички места во Косово“, вели Агрон Гаши, Албанец од Приштина кој застана во Штрпце да купи цигари. „Немаме никакви проблеми овде“.

„Мислиме дека Косово ќе биде подобро место за секого“, вели еден Србин кој сака да остане анонимен. „Ова е патот кон Европа. Треба да бидат поголеми оптимисти, бидејќи косовските Срби немаа подобри услови претходно. Сега имаме многу права, повеќе од малцинствата во другите земји“.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading