Франција се надева дека ќе ја поткрене ЕУ до крајот на 2008 година

01/07/2008

Франција најави голем број амбициозни проекти за кои ќе бара одобрение за време на шестмесечното претседателствување со ЕУ.

(ДПА, ББС - 27/06/08; AФП, Економист - 26/06/08; ЕурАктив, Еуопсервер - 25/06/08; ЕурАктив - 20/06/08)

photo

Сино осветлување и златни ѕвезди, кои го претставуваат знамето на ЕУ, ја осветлуваа Ајфеловата кула за да го одбележат почетокот на француското претседавање со ЕУ. Францускиот претседател Николас Саркози го презеде претседателствувањето со ЕУ во вторникот (1-ви јули). [Getty Images]

Франција го презеде шестмесечното ротирачко претседателствување со ЕУ од Словенија во вторникот (1-ви јули), при што на агендата доминираат амбициозни проекти во областа на енергијата и животната средина, имиграцијата, одбраната и земјоделството.

Но, францускиот претседател Николас Саркози може да се соочи со тешкотии во освојувањето на поддршката на блокот од 27 земји по ирското „не“ за Лисабонскиот договор на 12-ти јуни.

Париз сигнализираше дека можеби ќе побара нови разговори за договорот, со цел да го врати европскиот воз на вистинскиот пат.

„Главен приоритет на француското претседателствување е да го подготви спроведувањето на Лисабонскиот договор, за кој сега сите се надеваат дека ќе влезе во сила следниот јануари“, напиша неодамна францускиот министер за европски работи, Жан-Пјер Жује, во списанието <i>World Policy</i>.

Саркози ќе отпатува за Даблин на 11-ти јули, за да се информира од прва рака за причините на ирското отфрлање на документот, кој предвидува клучни институционални реформи за поефикасно проширување на Унијата.

„Важен дел од француското претседателствување со [EУ] ќе биде да се вратат 27-те [земји-членки] назад во колосек“, АФП го цитираше Жује.

Ирскиот премиер Брајан Коен, најверојатно, ќе предложи начини за справување со проблемот во октомври. Ирска е единствената земја од ЕУ чиј устав дозволува ставање на договорите на референдум. Договорот бара ратификација од сите 27 земји-членки.

Во меѓувреме, Саркози ќе побара одобрение од ЕУ за серија климатски и енергетски мерки предложени претходно од страна на Европската комисија, кои предвидуваат драстично намалување на емисиите на гас со ефект на стаклена бавча и либерализација на енергетскиот пазар на Унијата.

„Пазарната либерализација не може да се случи без претходно да има стратешка визија за политиката на снабдување со енергија во ЕУ“, рече Жује.

Францускиот водач ќе се заложи „Европскиот пакт за имиграцијата и азилот“ -- да биде насочен против нелегалната имиграција, охрабрувајќи ги истовремено новопристигнатите странци.

Сепак, некои аналитичари се сомневаат дека планот ќе даде какви било значајни резултати. „Главната потенцијална грижа е дека пактот за миграција повторно ќе стави акцент на еден многу рестриктивен пристап -- како што се принудните враќања“, ББС го цитираше Крис Поле од канцеларијата на Амнести интернешнал на ЕУ.

Саркози посочи дека ќе продолжи со својот план за формирање вооружени сили на ЕУ од 60.000 припадници. Но, аналитичарите веруваат дека тој можеби ќе мора да го модифицира својот обид да ги убеди ирските гласачи, во случај на втор референдум.

Ирските гласачи ги наведоа стравувањата дека договорот на ЕУ ќе ја поткопа неутралноста на нивната земја како едно од главните противења на документот.

Саркози ќе изврши уште еден притисок за проектот Медитеранска унија, со цел регулирање на односите на ЕУ со скоро десетина земја -- Алжир, Египет, Израел, Јордан, Либан, Мароко, Палестинските територии, Сирија, Тунис и Турција.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading