07/08/2008
Шефот на УНМИК, Ламберто Заниер, предложи формирање сили на етничките Срби во рамките на Косовската полициска служба, кои ќе имаат автономија во синџирот на команда.
Од Линда Карадаку за Southeast European Times во Приштина – 07/08/08
![]() Косовската полициска служба може да добие српски контингент. [Getty Images] |
Силите на етничките Срби во рамките на Косовската полициска служба (КПС) ќе патролираат во областите со српско мнозинство и ќе имаат автономија во синџирот на команда, рече шефот на УНМИК, Ламберто Заниер, минатата недела. Предлогот е само еден дел од напорите за спроведување на планираното реструктуирање на УНМИК од страна на генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун.
Предлозите на Заниер предвидуваат царинска власт во северно Косово слична на моделот на Хонг Конг, каде што една територија има две царински области. Истата структура се планира и за судството. Заниер рече дека Контакт-групата ја поддржува идејата.
Голем број српски полицајци во КПС поднесоа оставка кога поранешната српска покраина прогласи независност на 17-ти февруари. Во интервјуто за косовскиот весник Коха Диторe, Заниер рече дека нема јасен начин на кој може да се натераат полицајците да се вратат на работа.
Сепак, рече тој, предложените српски полициски сили ќе имаат целосна оперативна автономија и ќе егзистираат како единствен дел на постојниот систем во Косово.
Во моментов полицајците одбиваат да бидат под команда на косовската влада и сакаат да служат под власта на УНМИК ако одлучат да се вратат.
Вицепремиерот Хајредин Куќи за радио „Блу скај“, рече дека косовскиот устав и планот на поранешниот претставник на ОН, Марти Ахтисари, не предвидуваат постоење на никакви структури кои не се дел од косовскиот „единствен систем“, вклучително и полицијата.
„Ние ќе ги интегрираме малцинствата во Косово, но нема да има одделен систем во Косово“, рече Куќи. Тој, исто така, подвлече дека УНМИК не може да разговара со Србија за политичката и судската позиција на Косово или неговите внатрешни функции.
Портпаролот на УНМИК, Александар Иванко, рече дека Заниер предложил решение за време на состанокот со српскиот министер за Косово минатата недела, Горан Богдановиќ. „Предлогот ќе биде дискутиран, ова е само почеток“, рече Иванко. Тој потврди дека прашањето бара дискусија помеѓу полицискиот комесар на УНМИК во Приштина и српските полицајци во КПС.
Иванко рече дека разговорите помеѓу двата ентитета ќе продолжат. Сепак, тој рече дека преговорите за техничките и практичните прашања ќе продолжат помеѓу Приштина и Белград.
Косовскиот премиер Хашим Тачи рече дека Заниер може да разговара со Белград само за техничките прашања -- но не и за прашањата што се однесуваат на независноста и суверенитетот на Косово.
Во интервјуто објавено во средата (6-ти август) Тачи рече дека неговата влада нема да разговара за неколку прашања што неодамна беа отворени од страна на Бан со Белград. Предлозите што Бан ги испрати до Косово и Србија во средината на јуни ја потврдуваат посветеноста на ОН на дијалогот во врска со полицијата, судството, административните граници, српското наследство, сообраќајот, инфраструктурата и царината. Сепак, Тачи рече дека ќе се почитува косовскиот устав, а не „ад хок изјавите од кој било“.