13/08/2008
УНМИК, привремена цивилна администрација во Косово, започнува со големо намалување на персоналот оваа недела, скоро една деценија по своето воспоставување во јуни 1999 година, со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност.
Од Блерта Фониќи-Кабаши за Southeast European Times во Приштина -- 13/08/08
![]() [УНМИК] |
УНМИК оваа недела ќе започне со своето најголемо намалување на персоналот, девет години по распоредувањето да управува во Косово. „Во следните неколку дена персоналот на УНМИК ќе биде намален и ќе добие известување дека договорите им завршуваат“, рече портпаролот на УНМИК, Александар Иванко, во понеделникот (11-ти август).
Процесот ќе започне со оние што веќе се при крај со своите договори. „Не е познато колкав дел од персоналот на ОН ќе го напуши Косово во првата фаза“, рече Иванко, но набљудувачите очекуваат околу 70 отсто од персоналот да замине. Со тоа ќе останат околу 600 припадници на УНМИК во поранешната српска покраина.
УНМИК е привремена цивилна администрација во Косово, под власта на ОН. Мисијата е поделена на четири дела или столба. Столбот I го сочинува полицискиот и правниот сектор предводен од ОН, Столбот II - Цивилната администрација на ОН, Столбот III - демократизацијата и градењето на институциите на ОБСЕ и Столбот IV - реконструкцијата и економскиот развој предводен од ЕУ.
По едностраното прогласување независност од страна на Косово на 17-ти февруари, генералниот секретар на ОН Бан Ки-Мун објави дека присуството на УНМИК во Косово ќе се реконфигурира. Повеќето должности на УНМИК ќе бидат префрлени на локалните институции, додека новата мисија на ЕУ, ЕУЛЕКС, ќе наследи ограничени судски и полициски надлежности.
Во деветте години УНМИК се соочи со силни критики како од косовските Албанци, така и од малцинските косовски Срби. Главниот проблем е недостатокот на инфраструктурна реконструкција, што значи дека дистрибуцијата на струја е нестабилна. Бавното пренесување на надлежностите на косовските институции, наводите за корупција и кршење на човековите права й донесе уште повеќе критики на мисијата. Критичарите, исто така, го напаѓаа УНМИК дека не успева да спроведе стратегијата за економски развој.
Набљудувачите предвидуваат дека реструктуирањето ќе биде завршено до декември. Мисијата ЕУЛЕКС се очекува да биде целосно воспоставена и да почне со работа до оваа есен, рече на крајот од минатиот месец шефот за безбедност на ЕУ, Хавиер Солана.
Истата ќе вклучува 2.000 полицајци -- вклучително и четири единици против немири -- обвинители и судии.