11/09/2008
Косовската влада вели дека сивата економија претставува значителен дел од БДП на земјата и дека го попречува нејзиниот растеж. Премиерот Хашим Тачи вети дека ќе ја искорени.
Од Линда Карадаку за Southeast European Times во Приштина -- 11/09/08
![]() „Спречувањето на неформалната економија ... [претставува основен приоритет] на владата која ја водам“, рече косовскиот премиер Хашим Тачи. [Getty Images] |
Косовскиот премиер вети дека ќе ги интензивира напорите за борба против сивата економија во новата независна држава. „Спречувањето на неформалната економија ... [претставува основен приоритет] на владата која ја водам“, рече Хашим Тачи на конференцијата за спречување на финансискиот криминал, корупцијата и перењето пари.
Тачи рече дека владата има четири главни приоритети: економски растеж, спроведување на планот на Ахтисари, добро управување и социјална стабилност. Владата нема да му дозволи никому да ја поткопа демократската иднина на новата држава, вети тој.
Според властите, сивата економија претставува значителен дел од БДП, кој го попречува растежот и развојот на земјата и му ги граба потребните приходи на државниот буџет. Владата формираше работна група, според програмата што е моментно во првична фаза, а чија цел е спречување на неформалниот пазар.
Корупцијата ја попречува борбата против дејствувањето на сивиот пазар, призна Тачи. „Одредени делови од правниот систем спијат на полициските досиеја веќе осум години по ред“, рече тој. „Косовската влада никогаш нема да прави компромис со оние кои се тивки и го кријат криминалот или оние чија обврска е да се борат против криминалот, но тие се тивки или го толерираат.“
Европската комисија (ЕК) вели дека сивата економија во Косово претставува 35 отсто од БДП -- околу 700 милиони евра годишно, според шефот на Канцеларијата за врски на ЕК во Косово, Рензо Давиди. „ЕУ му помага на Косово во конкретни проекти за борба против неформалната економија“, Косовскиот информативен центар ја цитираше неговата изјава.
Најновиот извештај на ЕК покажува дека Косово заостанува зад своите соседи и дека неговиот економски растеж не држи чекор со неговите неисполнети потреби за развој, иако стапките на раст за период од една година достигнаа 3,9 отсто во 2006 и 4,4 отсто во 2007 година.
„Огромниот предизвик со кој Косово се соочува на пазарот на труд е отежнат бидејќи околу 30.000 млади луѓе влегуваат на пазарот секоја година“, предупреди ЕК.
Економскиот растеж е еден од основните предизвици за властите во Косово. Сé досега тие се фокусираа на политичката и националната безбедност, но по прогласувањето независност на 17-ти февруари, јавноста очекува од нив да посветат повеќе внимание на социјалните и економските приоритети.