04/09/2008
AНКАРА, Турција -- Претседателот Абдула Ѓул ќе стане првиот турски шеф на држава што ќе ја посети Ерменија в сабота (6-ти септември). Тој ја прифати поканата на неговиот ерменски колега, Серж Саргсја, и ќе отпатува за Јереван да го гледа квалификацискиот натпревар од Светскиот куп 2010 помеѓу Турција и Ерменија. Посетата „може да создаде нова клима на пријателство во регионот“, се вели во соопштението од неговата канцеларија. Двајцата водачи се очекува да разговараат за спорот Нагорно-Карабах и турскиот предлог за формирање кавкаска платформа за соработка и стабилност, според извештаите на медиумите.
Одлуката на Ѓул за посета на Ерменија веќе создаде контроверзност, бидејќи Анкара нема дипломатски односи со својот сосед откако Ерменија стана независна од Советскиот Сојуз во 1991 година. Турција се спротивстави на окупацијата од страна на Ерменија на регионот на Нагорно-Карабах во Азербејџан и напорите на Јереван за класифицирање на убиствата на 1,5 милиони ерменски цивили за време на Првата светска војна од страна на отоманските Турци како геноцид. (Радикал, Хуријет, Ватан, АФП, РИА Новости, Ројтерс, АП - 03/09/08)