04/09/2008
ЊУЈОРК, САД -- ОН, САД и Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПАЦЕ) во средата (3-ти септември) го поздравија отпочнувањето на разговорите за повторно обединување оваа недела од страна на двајцата кипараски водачи, Деметрис Христофиас и Мехмет Али Талат. Во писмената изјава, генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун, вети поддршка од својата организација за разговорите со цел повторно обединување на островот по 34-годишната поделеност. Портпаролот на американскиот Стејт департмент Шон МекКормак рече дека Вашингтон го поддржува бизоналното решение со две заедници на островот. Известувачот на ПАЦЕ за Кипар, Јоаким Хорстер, рече дека директните разговори „се најдобрата можност во последниве години да се стави крај на поделеноста на Кипар“ и рече дека Советот на Европа е подготвен да помогне во наоѓањето решение. Грција, исто така, го поздрави новиот круг разговори. (КНА, Фамагуста газете, АНА-МПА, Хуријет, АФП, РИА Новости, Нафтемборики, Катимерини, СКАИ - 03/09/08)