29/08/2008
Моделот на „рено“ склопен во Турција го имаше своето деби во Москва. Исто така во вестите: албанското претпријатие за електрична енергија доби заем од 40 милиони евра, а „Пепси“ го купи „Марбо продукт“, српски производител на чипс.
![]() „Рено“ го претстави својот нов модел „Симбол“ на Московскиот саем на автомобили. [Getty Images] |
„Рено“ го претстави својот нов модел „Симбол“, дизајн на инженери од Романија, Франција и Tурција, на Московскиот саем на автомобили во вторникот (26-ти август). „Рено“ го склопува автомобилот во Турција поради блискоста на земјата до пазарите во Централна Европа, Блискиот Исток и Африка.
***
Aлбанското Претпријатие за електрична енергија (КЕШ) доби одобрение за заем од 40 милиони евра од приватна банка. Парите ќе бидат платени за увоз на енергија. Владата беше гарант за заемот, бидејќи КЕШ има проблеми во враќањето на претходните заеми.
***
Францускиот производител на струја на силата на ветарот „Перфект винд“ ќе инвестира 210 милиони евра во електрична централа на силата на ветарот во Tурција, рече претпријатието во изјавата. „Перфект винд“, во сопственост на шпанска Ибердрола, планира да инвестира околу 1,5 милијарди евра во турскиот сектор на обновлива енергија во следните пет години.
***
Германскиот синџир за електроника „Медиа маркт“ во четвртокот (28-ми август) ја отвори својата најголема продавница во Tурција, во трговскиот центар „Анкара форум“. Ова е шеста продавница на „Медиа маркт“ во Турција за период од една година, рече Мустафа Алтиндаг, директор на „МедиаСатурн холдинг“, задолжен за операциите во Турција, на прес-конференција. Новата продавница нуди повеќе од 70.000 производи. „Медиа маркт“ е најголем продавач на електроника во Европа.
***
Tурција ја отвори својата Стопанска комора во Приштина во понеделникот (25-ти август). На церемонијата беше присутен турскиот државен министер Саид Јазичоглу, кој рече дека канцеларијата ќе помогне во зајакнувањето на економските односи помеѓу двете земји и привлекување на турските бизниси во Косовo.
***
Maкедонскиот премиер Никола Груевски во средата (27-ми август) го постави камен-темелникот на новиот трговски центар во Скопје, кој ќе го изгради британскиот конзорциум „Еквест пропертис“. Инвеститорите ќе инвестираат 45 милиони евра во проектот, кој се очекува да создаде околу 500 работни места. Изградбата ќе трае две години.
***
„Пепси“ го купи српскиот производител на чипс, „Марбо продукт“, според извештаите на Бета и Б92 во средата (27-ми август). Тие велат дека Марбо сега му припаѓа на „Пепси инвестменс“, претставништво на Пепси со седиште во Холандија. Марбо има преку 1.000 вработени во Србија, Хрватскa и Босна и Херцеговина.
(Разни извори – 22/08/08 - 29/08/08)