02/09/2008
Грчки и романски официјални претставници во понеделникот беа во Брисел. Исто така во дипломатските вести оваа недела: македонскиот министер за одбрана, Мирослав Стојановски, и неговиот српски колега, Здравко Понос, се состанаа во Белград.
![]() Грчкиот премиер Костас Караманлис (напред) и министерката за надворешни работи, Дора Бакојани, во понеделникот (1-ви септември) беа во Брисел. [Getty Images] |
Грчкиот премиер Костас Караманлис и министерката за надворешни работи, Дора Бакојани, во понеделникот (1-ви септември) беа во Брисел, каде што учествуваа на самитот на ЕУ за кризата на Кавказот и евентуалните реперкусии, Грција сака „територијален интегритет и независност на земјите“, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи, Јоргос Кумуцакос. Тој истакна дека Атина, поддржувајќи ја оваа рамка, не го признала Косово или регионите на Јужна Осетија и Абхазија. Националниот Совет за надворешна политика при Министерството за надворешни работи ќе разговара за кавкаската криза в четврток.
***
Романскиот претседател Трајан Башеску во понеделникот (1-ви септември) рече дека неговата земја нема да повика на санкции против Москва. Башеску, кој се упати на самитот на ЕУ за кавкаската криза, рече: „Санкциите само ќе ја замрзнат сегашната ситуација и ќе дадат нова основа за тензии“. Тој рече дека ќе ја повика ЕУ да побара од Русија почитување на Истанбулскиот договор за повлекувањето на војниците од отцепените региони на Трансдњестар и Јужна Осетија.
***
Maкедонскиот министер за одбрана, Мирослав Стојановски, и неговиот српски колега, Здравко Понос, се состанаа во петокот (29-ти август) во Белград, ветувајќи континуирани напори за понатамошен развој на билатералната соработка во одбраната. Двајцата претставници разговараа за конкретните правци на идната соработка и заедничкото учество на нивните земји во воените мисии и соработката во човечките ресурси. Стојановски ја искажа подготвеноста на Македонија за споделување на своето 13-годишно искуство во подготовките за пристап во НАТО и програмата Партнерство за мир. Изразувајќи пофалби за добрата соработка помеѓу двете армии, Понос изрази надеж дека во иднина нема да има политички пречки за билатералната воена соработка.
***
Aлбанскиот премиер Сали Бериша минатата недела во Тирана се состана со исландскиот премиер Геир Хаарде, и потпиша договор за визна либерализација. „Ние ја поздравуваме подготвеноста на Исланд да го потпише протоколот на НАТО за членството на Албанија, како и нејзиниот придонес за стабилноста во регионот“, рече Бериша по состанокот. Хаарде, исто така, се состана со претседателот Бамир Топи, и ја потврди желбата на Исланд за зајакнување на билатералните врски и помош за Албанија во нејзиниот процес на евроатланска интеграција.
***
Aлбанија наскоро ќе отвори своја амбасада во Бразил и ќе има претставништво таму на највисоко дипломатски ниво, рече на владиниот состанок во средата (27-ми август) премиерот Сали Бериша. Бериша го нарече Бразил „голема и важна земја“ и истакна дека отворањето амбасада е следниот логичен чекор по укинувањето на визниот режим со Бразил. Двете земји ја донесоа таа одлука по неодамнешниот состанок помеѓу Бериша и бразилскиот претседател Луиз Инацио да Силва на маргините од Олимпијадата во Пекинг.
(Разни извори 26/08/08-02/09/08)