Косово: Дипломатскиот процес

15/12/2006

Шест години по конфликтот во периодот 1998-1999 година, Советот за безбедност на ОН одлучи дека е време да отпочне политичкиот процес за одредување на иднината на Косово.

(Разни извори -- 24/10/05 - 04/12/06)

photo

Српските водачи и водачите на косовските Албанци ги одржаа своите први разговори очи в очи на 24-ти јули 2006 година, но седницата само покажа колку се поделени двете страни. [Getty Images]

Технички сé уште дел од Србија, Косово е де факто протекторат на ОН уште од крајот на конфликтот во периодот 1998-1999 година таму. На 10-ти јуни 1999 година Советот за безбедност на ОН ја усвои Резолуцијата 1244, ставајќи ја покраината опустошена од војната, под администрација на УНМИК, во очекување на решението за конечниот статус.

Повеќе од шест години подоцна, на 24-ти октомври 2005 година, Советот ги поддржа препораките на генералниот секретар на ОН, Кофи Анан, за отпочнување на политички процес со цел решавање на прашањето.

Одлуката беше донесена по сеопфатниот преглед на напредокот на покраината во спроведувањето на стандардите што ги одреди меѓународната заедница како предуслов за отворање на преговорите. Прегледот го направи специјалниот претставник на Анан во регионот, норвешкиот дипломат Каи Еиде.

„Советот за безбедност се согласува со целокупната проценка на амбасадорот Еиде дека, и покрај предизвиците со кои сé уште се соочува Косово и поширокиот регион, дојде време да се премине на следната фаза“, се вели во соопштението на Советот.

Потоа Анан го назначи поранешниот фински претседател Марти Ахтисари, како свој специјален претставник, да ги води разговорите и австрискиот дипломат Алберт Рохан како заменик-претставник.

Неколку недели подоцна, ЕУ и САД ги назначија своите претставници за преговорите -- Стефан Лен и Френк Виснер.

Покрај ОН, друг клучен актер во процесот е Контакт-групата од шест нации за Косово, која ја сочинуваат Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Русија и САД. Во ноември групата ги одреди водечките принципи за решението на прашањето на статусот, отфрлајќи ги меѓу другото: враќањето на ситуацијата од пред 1999 година, поделбата на покраината или нејзиното обединување со која било друга земја, како евентуален исход од разговорите.

Во рамките на подготовките за разговорите, Ахтисари отпатува за Приштина и Белград -- како и во Подгорица, Скопје и Тирана -- со цел да ги слушне позициите на клучните играчи во регионот.

photo

Специјалниот претставник на ОН Марти Ахтисари. [Getty Images]

Ставовите на српските водачи и водачите на косовските Албанци околу ова прашање беа дијаметрално спротивставени.

Инсистирајќи на тоа дека треба да ја поврати сувереноста над Косово, Белград рече дека единствено може да се согласи со доделување на суштинска автономија.

Косовските Албанци, кои сочинуваат 90 отсто од населението во покраината од околу два милиони луѓе, побараа решението да не биде ништо помалку од целосна независност од Србија.

Првите директни разговори помеѓу српските претставници и претставниците на косовските Албанци беа закажани за 25-ти јануари 2006 година. Но, поради смртта на претседателот Ибрахим Ругова на 21-ви јануари дојде до едномесечно одложување на преговорите.

Фатмир Сејдиу, кој беше избран на местото на Ругова, го замени починатиот претседател и како шеф на косовскиот преговарачки тим. Други клучни членови на тимот беа: косовскиот премиер Бајрам Косуми, кој подоцна поднесе оставка и беше заменет од Агим Чеку, опозициските водачи Хашим Тачи и Ветон Сурои, како претседателот на собранието на покраината.

Српскиот преговарачки тим го сочинуваа претседателот Борис Тадиќ, премиерот Воислав Коштуница и други високи официјални претставници. Исто така, во него имаше и претставници на заедницата на косовските Срби.

Првите директни преговори предводени од ОН помеѓу српските претставници и претставниците на косовските Албанци беа отворени во виенската палата Даун-кински на 20-ти февруари 2006 година. Двете страни учествуваа со осумчлени делегации, кои беа предводени од косовскиот заменик-премиер и министер за локална владина администрација Љутфи Хазири и српскиот претседателски советник Леон Којен. Со дводневните разговори, кои се фокусираа на децентрализацијата, претседаваше Рохан. Тој изјави дека и покрај тоа што состанокот не дал „бомбастични резултати“, истиот бил „прилично успешен“.

Децентрализацијата остана клучна точка на агендата во неколкуте круга разговори, кои, исто така, беа фокусирани и на малцинските права и заштитата на културното и историското наследство -- особено она на заедницата на косовските Срби, која брои околу 100.000 луѓе.

Освен економските аспекти, како што се финансиските обврски и инвестициите, приватизацијата и идното сопствеништво на клучниот индустриски капитал, разговорите во Виена не го опфатија суштинското прашање на статусот сé до седмиот круг на 24-ти јули, кога српските водачи и водачите на косовските Албанци ја одржаа својата прва седница очи в очи. Истата само покажа дека изминатите пет месеци од разговорите не ја премостија поделеноста на ставовите помеѓу Белград и Приштина.

„Евидентно е дека позициите на партиите остануваат длабоко спротивставени“, изјави Ахтисари на прес-конференцијата по состанокот. „Белград ќе се согласи скоро со сé, освен со независност, додека Приштина нема да прифати ништо друго освен целосна независност.“

Децентрализацијата и малцинските права беа повторно на агендата на осмиот круг од разговорите на 7-ми и 8-ми август, но единствениот договор што беше постигнат беше назначувањето на командирите на полициските станици.

Нов, дводневен круг разговори се одржа во Виена еден месец подоцна, при што српскиот тим и тимот на косовските Албанци повторно постигнаа мал суштински напредок, и покрај, како што ја нарече Рохан, „добрата и конструктивна дискусија“.

„Ние имавме едно, две или три прашања каде што би можеле да се придвижиме напред, но не можеме да зборуваме за некаков важен пресврт“, рече претставникот на ОН за состаникот, кој повторно се фокусираше главно на децентрализацијата, културното наследство и правата на етничките заедници во Косово.

Во својот редовен извештај до Советот за безбедност во врска со Косово, објавен неколку дена по деветтиот круг разговори во Виена, Анан изрази разочараност поради тоа што Србите и косовските Албанци не успеаја да ги доближат своите позиции.

„И покрај приближувањето за некои работи, разговорите покажаа дека страните остануваат длабоко поделени во однос на повеќето прашања“, се вели во извештајот на шефот на ОН и се повикуваат двете страни да покажат „поголема флексибилност“ за да може да се постигне компромис.

Неколку дена подоцна Рохан потврди дека шансите тоа да се случи се мали.

„Се доближуваме до моментот кога само со разговори нема да ја оствариме целта“, рече тој. „Ние можеме да разговараме уште десет години, но ништо нема да се промени.“

Во септември Контакт-групата побара од Ахтисари да „подготви сеопфатен предлог за решавање на статусот“. Истиот месец Србија усвои нов устав, во кој Косово се дефинира како „неоттуѓив“ дел од нејзината територија. Мнозинството српски гласачи го поддржаа новиот основен закон на референдумот што се одржа на крајот од октомври, отворајќи го патот за парламентарните избори, закажани за 21-ви јануари 2007 година.

И покрај првичните планови за завршување на процесот за статусот на Косово до крајот на 2006 година, меѓународната заедница одлучи дека Ахтисари треба да го поднесе својот предлог за решението по српските избори.

Оваа содржина е овластена за SETimes.com
Loading

Што мислите за овој напис?

icon12345icon

Денешни статии

Loading

Поврзани написи

Loading