Тадиќ ја повика Македонија да не го признава Косово

25/09/2008

ЊУЈОРК, САД -- Српскиот претседател Борис Тадиќ во средата (24-ти септември) ја повика Македонија да не ја признава еднострано прогласената косовска независност. По состанокот со македонскиот колега, Бранко Црвенковски, на маргините од сесијата на Генералното собрание на ОН во Њујорк, Тадиќ рече дека Белград ќе преземе „соодветни мерки“, ако Скопје пристапи кон признавање. Црвенковски рече дека верува оти кога ќе одлучува за Косово, владата ќе ги разгледа сите аргуметни „за и против“.

Во другите вести на оваа тема, косовскиот претседател Фатмир Сејдиу во средата му рече на Црвенковски дека признавањето на независноста на Косово од страна на Скопје ќе има позитивно влијание врз билатералните односи и регионалната стабилност. Владата во Скопје ќе ги разгледа косовските аргументи и своите државни интереси пред да донесе одлука за признавањето, рече Црвенковски. Тој, исто така, ја истакна важноста на завршувањето на процесот на одбележување на границата помеѓу двете земји и побара потврда дека Косово го признава уставното име на Македонија.

Исто така во средата во Њујорк, албанскиот претседател Бамир Топи рече дека Косово заслужува да стане членка на ОН што е можно поскоро. Во својот говор пред Генералното собрание на ОН, Топи истакна дека сите политички, економски, воени или дипломатски напори против консолидирањето на Косово како држава „ќе бидат очаен обид против неговата интеграција во ЕУ“. (Коха Диторе, Зери, Експрес, Лајм - 25/09/08; Телеграфи, Ртк, МИА, ВОА, Макфакс, А1, Б92, Танјуг - 24/09/08)