Хашкото судење на поранешниот началник на ЈНА Перишиќ, сепак започна

03/10/2008

ХАГ, Холандија -- Судењето за воени злосторства на поранешниот началник на Југословенската народна армија (ЈНА) Момчило Перишиќ, сепак започна во Хаг во четвртокот (2-ри октомври), и покрај изјавата во средата на портпаролката на Трибуналот, Нерма Јелачиќ, дека истото е „одложено на неопределено време, во очекување на назначувањето на судиите“. Перишиќ се изјасни за невин по 13-те точки од обвинението за воени злосторства и злосторства против човештвото, наводно, извршени кога тој бил началник на Генералштабот на ЈНА помеѓу август 1993 и ноември 1998 година. Обвиненијата вклучуваат убиство, прогон на политичка, расна или верска основа, истребување, нехумани дејства и напад врз цивили. Голем дел од обвиненијата се поврзани со опсадата на Сараево, во која загинаа илјадници цивили и со масакрот во 1995 година во Сребреница. (Ројтерс, АФП, Б92 - 02/10/08)