06/10/2008
БУКУРЕШТ, Романија -- Околу 20.000 луѓе се очекува да одржат протест во Букурешт во вторник (7-ми октомври). Ќе учествуваат четири синдикати, барајќи повисоки плати и почитување на правата на вработените. Протестот, последен во серијата такви, се совпаѓа со Светскиот ден на чесната работа.
Во другите вести, синдикатот кој ги претставува лекарите во Романија објави дека ќе бара покачување на платите за членовите, ако владата ги зголеми примањата на наставниците и државните службеници. Делегатите ја одобрија резолуцијата на генералниот состанок на синдикатот минатиот викенд. Минатата недела долниот дом на парламентот едногласно усвои одлука за зголемување на платите на наставниците за 50 отсто. Тоа предизвика серија барања од синдикатите што ги претставуваат другите работници, вклучително и државните службеници. Според Министерството за финансии, 50 отсто зголемување за сите државни службеници ќе предизвика буџетски дефицит од 7 отсто од БДП следната година и ќе ја загрози економската стабилност и членството во ЕУ. Владата ќе разговара за ова прашање со претставниците на државните службеници за да избегне општ штрајк, вели министерката за труд, Маријана Кампеану. Таа предупреди дека ако владата ги исполни сите барања на синдикатите, земјата ќе се соочи со финансиски колапс. (Eвениментул Зилеи, Адеварул - 06/10/08; Meдиафакс, Зиаре - 05/10/08)