Црна Гора и Македонија ја признаа независноста на Косово

10/10/2008

ПОДГОРИЦА, Црна Гора -- Црна Гора и Македонија ја признаа независноста на Косово во координираниот потег од четвртокот (9-ти октомври). Црногорскиот министер за надворешни работи, Милан Рочен, ја објави одлуката на својата влада. „Ова не е одлука против Србија, туку за нашата иднина“, рече тој. Како одговор, Србија ја протера црногорската амбасадорка во Белград, Анка Војводиќ, велејќи таа „повеќе не е добредојдена во нашата земја“.

Во Скопје, министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, објави дека македонската влада, исто така, ја призна независноста на Косово. Пратениците со големо мнозинство ја усвоија резолуцијата поднесена од две партии на етничките Албанци, Демократската партија на Албанците и Демократската унија за интеграција. Клучната поддршка за резолуцијата дојде од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија се воздржа од гласање. „Ова е потег кој одговара на реалноста. Ние веруваме дека тој нема да ги загрози нашите односи со Србија“, рече Милошоски.

Исто така во четвртокот, Србија објави дека ги враќа своите амбасадори во Соединетите Држави и другите земји -- вклучително и Јапонија, Канада и Австралија -- кои претходно ја признаа независноста на Косово. Во јули Белград ги врати своите амбасадори од 22-те земји-членки на ЕУ што ја признаа независноста на поранешната српска покраина. (Вијести, Дневник, Вечер, Утрински весник, Зери, Коха Диторе, ББС, Експрес, Косова Сот - 10/10/08; РТЦГ, МИНА, Макфакс, МИА, А1, Танјуг, Б92, Фонет, Бета, АФП, Ројтерс, АП, РТС, ВОА - 09/10/08)