Цветковиќ вели дека разговорите за енергетскиот договор со Русија западнаа во ќор-сокак

04/12/2008

БЕЛГРАД, Србија -- Премиерот Мирко Цветковиќ во средата (3-ти декември) призна дека разговорите со Русија во врска со стратешкиот договор за енергетска соработка западаа во ќор-сокак. „Нема гаранции дека ќе биде потпишан договорот“, рече Цветковиќ, бидејќи Русија одбива да даде писмени гаранции за спроведувањето на проектот за гасоводот Јужен тек, за пренесување на рускиот гас преку Црното Море, Бугарија и Србија до остатокот од ЕУ. За време на разговорите минатата недела во Москва, руските власти рекоа дека ќе го спроведат проектот, и покрај двегодишното одложување. Енергетскиот договор, исто така, содржи договор за продажба на 51 отсто од српското државно претпријатие за нафта и гас, НИС, на Газпром, и меморандум за изградбата и модернизацијата на подземното складиште за гас Банатски Двор. Генералниот директор на Газпром, Алексеј Милер, в петок ќе го посети Белград.

Во другите вести, српскиот министер за надворешни работи, Вук Јеремиќ, во интервју за едно списание во средата рече дека ЕУ не й дава на Србија доволно позитивни сигнали во врска со интеграцијата, и покрај сето она што Белград го направи за исполнување на своите обврски од Договорот за стабилизација и асоцијација, што го потпиша во април. Јеремиќ за германското списание Штерн рече дека ако ЕУ не преземе дејства „народот во Србија ќе се чувствува многу непријатно“. Тој рече дека ЕУ треба да го либерализира визниот режим за да ја охрабри јавноста. (Блиц, Бета, Фонет, Танјуг, Политика, Б92, Стерн - 03/12/08)

Санадер бара истрага за апсењето на Интернет активистите

04/12/2008

ЗАГРЕБ, Хрватска -- Премиерот Иво Санадер во средата (3-ти декември) му нареди на Министерството за внатрешни работи да утврди дали полицијата ги злоупотребила овластувањата во неколкуте случаи неодамна, кога приведе поединци кои ја критикуваа владата на Интернет. „Никој во Хрватска не може да биде притворен или уапсен поради поразлично мислење или поради тоа што се спротивставува на мојот или другите политички ставови. Мојата главна задача како премиер е да го одбранам тоа право“, рече Санадер во изјавата. Мерката дојде неколку дена откако полицијата ги сослуша организаторите на Фејсбук групата од 80.000 членови кои планираа антивладини протести во неколку градови, вклучително и Загреб, во петокот. На крајот на минатата недела полицијата неколку часа испрашуваше еден младич во врска со Фејсбук групата кој тој ја основа и која се нарекува „Се обложувам дека можам да најдам 5.000 фејсбукери кои не го сакаат Санадер“. Полицијата вели дека тие презеле дејства поради сликата поставена на страницата на која Санадер е прикажан во нацистичка униформа, и покрај забраната за нацистички симболи во Хрватска. Полицијата во средата се извини за тоа апсење. (Ројтерс, Јутарњи лист, Дојче веле - 03/12/08)

Жупљанин сака Хашкиот трибунал да го спои неговиот случај со оној на Караџиќ

04/12/2008

ХАГ, Холандија -- Поранешниот полициски началник на босанските Срби, Стојан Жупљанин, во средата (3-ти декември) побара неговото судење за воени злосторства да биде споено со она на неговиот близок соработник, поранешниот водач на босанските Срби, Радован Караџиќ. Во барањето до Хашкиот трибунал за воени злосторства Жупљанин тврди дека со оглед на тоа што некои обвиненија против него се поклопуваат со наводите против Караџиќ, спојувањето на двете судења би му заштедило време на судот и би спречило двојно сведочење на сведоците. Жупљанин е обвинет за 12 убиства, прогон и тортура на муслимани во 1992 година. Првично тој се соочи со обвиненија за геноцид, но судот подоцна ги отфрли тие обвиненија. Српската полиција го уапси Караџиќ во јули. Тој се соочува со обвиненија за етничко чистење за време на војната во периодот 1992-1995 година и убиства на цивили кои живееле во муслиманската енклава Сребреница во 1995 година.

Во другите вести од средата, полицијата во Сараево го уапси осомничениот „спонзор“ на Караџиќ Жељко Радовановиќ. Тој, наводно ја водел една од најголемите локални криминални групи, чија главна активност биле нелегалните дроги. Минатата година полицијата изврши рација во неговата куќа и пронајде значително количество дрога и околу 200.000 евра за кои тие веруваат дека требало да го финансираат бегалскиот статус на Караџиќ. (AП, Блиц - 03/12/08)

Кипарските Грци велат дека расправијата околу експлоатацијата на нафта со Турција ги загрозува мировните разговори

04/12/2008

НИКОЗИЈА, Кипар -- Претседателот Деметрис Христофиас поднесе втора жалба до ОН, протестирајќи поради, како што вели, турското попречување на кипарската експлоатација на нафта во Средоземното Море, објавија медиумите во средата (3-ти декември). Во второто писмо до генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун, Христофиас ја обвини Турција за малтретирање на истражувачките бродови во кипарската ексклузивна економска зона во четири прилики. Тој предупреди дека расправијата со Турција може да ги загрози тековните разговори за повторно обединување со заедницата на кипарските Турци. Турција ги обвини кипарските Грци за кршење на нејзините територијални права, тврдејќи дека истражувачките бродови влегле во нејзините води. (КНА, Ројтерс, Ксинхуа, Хуријет - 03/12/08)

Европска безбедносна група ги предупреди ЕУ и ЗЕС да внимаваат на ПКК

04/12/2008

СТРАЗБУР, Франција -- Европското безбедносно и одбранбено собрание во средата ја осуди терористичката Курдистанска работничка партија (ПКК) и ги повика Европскиот совет на Советот на Западноевропскиот сојуз (ЗЕС) да бидат повнимателни во врска со активностите на ПКК во земјите-членки. На седницата во средата собранието едногласно го одобри извештајот за активностите на ПКК долж турско-ирачката граница. Во документот се повикува ЕУ цврсто да ја спроведува политиката и правилата на борбата против тероризмот. Во извештајот се вели дека членовите на ЕУ и ЗЕС треба да бидат чувствителни кон активностите што ПКК ги спроведува на нивната територија, како што се перењето пари, трговијата со дрога, шверцот со оружје, трговијата со луѓе и пропагандата преку телевизиските канали. (новинска агенција Анадолу, Радикал, Хуријет - 03/12/08)

Романските партии ПДЛ и ПСД, наводно, разговарале за формирање коалициска влада

04/12/2008

БУКУРЕШТ, Романија -- Либералдемократската партија (ПДЛ) и Социјалдемократската партија (ПСД) остварија првични разговори за формирање коалициска влада, објавија во средата (3-ти декември) Медиафакс и АФП, цитирајќи партиски претставници. „Сметаме дека коалицијата со ПДЛ би била најдобра опција. Во овој контекст на криза, мора да имаме што е можно поскоро влада со стабилно мнозинство“, рече заменик-претседателот на ПСД, Илие Сарбу. Пред парламентарните избори во неделата, либералите и социјалдемократите се согласија за коалициска влада, која ќе го вклучува Демократскиот сојуз на Унгарците во Романија. Сепак, сé уште не се знае кој ќе биде премиер, бидејќи и ПДЛ и ПСД инсистираат на назначување на свој водач. (Mедиафакс, АФП - 03/12/08)

Експлозии во Министерството за јавни работи и канцелариите на АФП во Атина

04/12/2008

AТИНА, Грција -- Две одделни мали експлозии ја погодија зградата на Министерството за животна средина, просторно планирање и јавни работи рано во четвртокот (4-ти декември), објавија медиумите. Два цилиндри со гас експлодирале пред главната зграда на министерството рано изутрина, а другите две експлодирале 30 минути подоцна во блиската зграда, предизвикувајќи помала штета. Групата која се нарекува себеси Револуционерна организација ја презеде одговорноста во телефонскиот повик до една локална радио станица.

Доцна во средата, мала експлозија ги оштети канцелариите на новинската агенција АФП во центарот на Атина. Повредени немаше. Полицијата вели дека експлозијата ја предизвикале мали гасни кутии за готвење. (AФП, АНА-МПА - 04/12/08; AФП, АП, АНА-МПА, Катимерини, In.news, СКАИ - 03/12/08)

Албанскиот претседател го врати изборниот законик во парламентот

04/12/2008

ТИРАНА, Албанија -- Претседателот Бамир Топи во средата (3-ти декември) одби да го ратификува новиот изборен законик и побара од пратениците да ревидираат една одредба. Истата предвидува претседателот да ги свикува националните избори девет месеци однапред, што Топи вели дека е спротивно на уставот. Парламентот го усвои контроверзниот изборен законик во средината од ноември, со гласовите на двете најголеми партии, владејачката Демократска партија и најголемата опозициска Социјалистичка партија. Помалите партии ги критикуваа измените, велејќи дека тие ги исклучуваат претставниците на помалите партии од изборните комисии. (Шекули, Тема, Балканвеб, Телеграфи - 03/12/08)

Бугарија одржа антитерористичка вежба на софискиот аеродром

04/12/2008

СОФИЈА, Бугарија -- Министерствата за внатрешни работи, здравство и одбрана, софиските аеродромски власти, Државната агенција за национална безбедност (ДАНС) и цивилниот одбранбен сектор во вторникот (2-ри декември) одржаа антитерористичка вежба на аеродромот, објавија во средата локалните медиуми. Вежбата „Сребрена птица“ беше прва која вклучуваше „киднапиран“ авион. Истата вклучуваше три вооружени хипотетички терористи кои го запленија авионот и киднапираа 23 лица во него, барајќи дополнително гориво за летање над Средоземното море и откуп од 40 милиони евра. Вежбата заврши со апсење на тројцата „киднапери“ и ослободување на сите 23 патници. (Ксихуа, Дневник, Дарик - 03/12/08)