06/10/2008
AНКАРА, Турција -- Воени авиони бомбардираа цели на терористичката Курдистанска работничка партија (ПКК) во северен Ирак во саботата (4-ти октомври), објави во соопштението од неделата турскиот Генералштаб. Бомбардирањето уследи по нападот во петокот од страна на бунтовниците на ПКК на воената стража во пограничниот град Семдлинли во југоисточната провинција Хакари, во кој загинаа 15 турски војници. „Операциите беа насочени само кон терористичката организација ПКК и беа преземени потребните мерки на претпазливост за избегнување цивилни жртви“, се додава во соопштението.
Во неделата, заменик-началникот на Генералштабот, генерал Хасан Игсиз, ги обвини водачите во северен Ирак дека ПКК толерира сепаратисти на ПКК. „Ние немаме никаква поддршка од администрацијата во северен Ирак ... таа им обезбедува инфраструктурни можности на [сепаратистите] како што се болници и патишта“, рече Игсиз на прес-конференција. „Нашето очекување е дека [ПКК] ќе биде прогласена за терористичка организација [од страна на ирачките власти] и дека поддршката за сепаратистите ќе биде прекината.“
Во телефонскиот разговор со ирачкиот колега, Јалал Талабани, во саботата вечер, турскиот претседател Абдула Ѓул побара преземање на потребните мерки за спречување на нападите на Турција од ирачка територија. Во неделата генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун, објави соопштение во кое се осудува терористичкиот напад од петокот. (Заман, Милијет, Радикал - 06/10/08; НТВ, АФП, СНН Турк, новинска агенција Анадолу, Хуријет - 05/10/08)
06/10/2008
ЊУЈОРК, САД -- Специјалниот претставник на ОН, Метју Нимиц, во вторникот (7-ми октомври) ги покани грчкиот и македонскиот претставник Адамантиос Василакис и Никола Димитров да одржат нов круг разговори во Њујорк во врска со спорот околу името помеѓу двете земји. Нимиц се очекува да предложи ново алтернативно име, објавија грчките медиуми. Дипломатски извори во Атина изразија резервираност во врска со шансите за напредок, поради ескалацијата на конфликтот помеѓу македонскиот премиер Никола Груевски и претседателот Бранко Црвенковски. Минатата недела Груевски ја потврди својата поддршка за „двојното решение“, користење на едно име билатерално помеѓу Грција и Македонија и друго -- Република Македонија -- на меѓународно ниво. Сепак, Црвенковски рече дека Скопје е подготвено да прифати „фер компромис“ со Грција. Тој призна дека тој и Груевски не се согласуваат околу тоа како треба да се реши спорот. (EРТ, АНА-МПА, Катимерини, Нафтемборики - 04/10/08)
06/10/2008
САРАЕВО, Босна и Херцеговина (БиХ) -- Окружниот суд во Сараево во неделата (5-ти октомври) донесе одлука дека поранешниот бошњачки воен командант Насер Ориќ и неговата сопруга Захиди треба да бидат во притвор еден месец. Тие се соочуваат со обвиненија за вмешаност во групи на организиран криминал, ракет и нелегално поседување оружје. Полицијата уапси уште четворица други осомничени покрај Ориќ. Тој се врати во БиХ неодамна, откако беше ослободен од обвиненијата за воени злосторства од страна на Хашкиот трибунал во јули. (Политика - 06/10/08; РТС, ИТАР-ТАСС, 24 Сата, Дневни аваз, Вести, Б92, РТРС - 05/10/08)
06/10/2008
ПОДГОРИЦА, Црна Гора -- Парламентот во петокот (3-ти октомври) ја одобри предлог-резолуцијата на владејачката коалиција, чија цел е да се забрза европската и евроатланската интеграција на земјата. Набљудувачите гледаат во предлогот „зелено светло“ за признавање на еднострано прогласената независност на Косово од страна на Србија. Според предлогот, Подгорица се обврзува „дека ќе ја почитува политичката реалност која се смета за важна од страна на членките на ЕУ и НАТО од гледна точка на регионалната стабилност“. Земјата, исто така, вети дека ќе спроведува политика конзистентна со правецот на европската и евроатланската интеграција.
Во другите вести, Јоост Лагендијк, известувачот на Европскиот парламент за Косово, во саботата рече дека претпочита „истовремена интеграција на Србија и Косово во ЕУ“. Но, тоа треба да се случи „само откако ќе бидат решени нивните меѓусебни односи“, рече Лагендијк на крајот од четиридневната посета на Косово на делегацијата на Европскиот парламент.
Во меѓувреме во неделата, министерот за надворешни работи, Скендер Хисени, рече дека иницијативата на Србија да побара мислење од Меѓународниот суд на правдата за косовското прогласување независност може да помине во Генералното собрание на ОН, но додаде дека „ова дејство нема да има долгорочно влијание на Косово“. Генералното собрание на ОН треба да гласа за српската иницијатива в среда. (Зери, Коха Диторе - 06/10/08; РТК, Кохавижн, ТВ 21, Танјуг, Б92, ББС, ВОА, Бета - 05/10/08; РТЦГ, ИТАР-ТАСС - 04/10/08)
06/10/2008
РИМ, Италија -- Директоратот за борба против мафијата во Бари подигна обвинение против 14 лица, меѓу кои и некои најблиски соработници на премиерот Мило Ѓукановиќ, во врска со сомневањата за шверц со цигари, објавија медиумите во неделата (5-ти октомври). Самиот Ѓукановиќ не е обвинет поради дипломатскиот имунитет. Бранислав Мичуновиќ, Веселин Баровиќ, Мирослав Иванишевиќ, Бранко Вујошевиќ, Душан Песиќ, Станко Суботиќ и Андрија Драшковиќ, како и некои Италијанци, се соочуваат со обвиненија за вмешаност во меѓународен шверц и врски со црногорската мафија и криминалните групи во италијанскиот регион Апуља. (Блиц, Прес - 06/10/08; AНСА, РТС, Танјуг, Мондо - 05/10/08)
06/10/2008
БУКУРЕШТ, Романија -- Околу 20.000 луѓе се очекува да одржат протест во Букурешт во вторник (7-ми октомври). Ќе учествуваат четири синдикати, барајќи повисоки плати и почитување на правата на вработените. Протестот, последен во серијата такви, се совпаѓа со Светскиот ден на чесната работа.
Во другите вести, синдикатот кој ги претставува лекарите во Романија објави дека ќе бара покачување на платите за членовите, ако владата ги зголеми примањата на наставниците и државните службеници. Делегатите ја одобрија резолуцијата на генералниот состанок на синдикатот минатиот викенд. Минатата недела долниот дом на парламентот едногласно усвои одлука за зголемување на платите на наставниците за 50 отсто. Тоа предизвика серија барања од синдикатите што ги претставуваат другите работници, вклучително и државните службеници. Според Министерството за финансии, 50 отсто зголемување за сите државни службеници ќе предизвика буџетски дефицит од 7 отсто од БДП следната година и ќе ја загрози економската стабилност и членството во ЕУ. Владата ќе разговара за ова прашање со претставниците на државните службеници за да избегне општ штрајк, вели министерката за труд, Маријана Кампеану. Таа предупреди дека ако владата ги исполни сите барања на синдикатите, земјата ќе се соочи со финансиски колапс. (Eвениментул Зилеи, Адеварул - 06/10/08; Meдиафакс, Зиаре - 05/10/08)
06/10/2008
AНКАРА, Турција -- Камион со илегални имигранти се преврте во западна Турција во неделата (5-ти октомври), при што загинаа 18, а беа повредени 23 луѓе. Несреќата се случи во близина на градот Малкара, во провинцијата Текирдаг, кога возачот наводно изгубил контрола. Во несреќата не учествувало друго возило. Возачот избегал од местото на инцидентот. Властите велат дека имигрантите, претежно од Авганистан и Бурма, планирале илегално да влезат во Грција.
Во другите вести од неделата, грчката крајбрежна стража фати 101 илегален имигрант во координираната операција во јужниот Егеј, објавија властите. Шверцерите кои испловиле од Турција, планирале да ги остават имигрантите, главно од Авганистан и Ирак, на островите Самос и Фармакониси, како и на две каменити површини, од мали чамци, соопшти крајбрежната стража. Тие, исто така, притвориле еден Турчин осомничен за шверцување на десетмина од имигрантите во Грција. (новинска агенција Анадолу, СНН Турк, НТВ, Хуријет, Ројтерс, РИА Новости, АНА-МПА, ЕРТ, ДПА - 05/10/08)
06/10/2008
TИРАНА, Албанија -- Заменик-министерот за животна средина, Александар Гарули, вели дека Албанија планира за првпат да ја одбележи својата слатководна граница со Грција. Тој во неделата (5-ти октомври) рече дека властите на двете земји наскоро ќе потпишат договор во грчкиот град Јанина за одбележување на езерските и речните граници. Истиот ќе стапи на сила по ратификацијата од страна на парламентите на двете држави. Грчките патроли честопати фаќаа албански рибари кои ја преминуваа недефинираната граница во грчките води. (Коха Јоне, Клан, Њус 24 - 06/10/08)